ЗЕТА МАКЕДОНИЈА или ПАНМАКЕДОНИЗМОТ на Бранко Сотировски - oд Милош Линдро



Од секогаш, кога се обидувале да ги утврдат фундаментите на човечката цивилизација, истражувачите барале цврста потпора во најдревното минато. И таа цврста потпора ја барале во она материјално наследство, кое со своето симболично значење носи порака, т.е. информација за организираниот општествен живот. Притоа, археолошките предмети се земале не само како орадија на трудот или како предмети на секојдневието, туку уште и како предмети, кои се дополнително натоварени со некаква симболичка функција.




             

                                                                       
Пред се, се внимавало на тоа дали тие содржат некој „непрагматичен“, „нефункционален“, што ќе рече „украсен“, „декоративен“, т.е. симболички детаљ. Тој, се разбира, дека е функционален, но во една друга, непрагматична смисла. Еден предмет можел да носи знак, со кој се посочувало, на пример, на сопственоста, но знакот можел да има и некоја магиска, заштитна (апотропејска) функција.   

И не само камените и коскените алатки, не само парчињата керамика од некогашните домаќински посатки, туку и камените межници, столбовите и камените квадари од храмови, како и предметите од погребалните обреди, често сведочат за специфично развиена свест и сознание. Таквите предмети имаат симболично послание кон современиците, кои ги имале во секојдневна или ритуална употреба и, воопшто, биле дел од нивниот живот, но тие ќе сведочат и во идните времиња и за новите поколенија. Во секој случај, има една осознаена потреба за комуникација меѓу живите современици но, со тек на време, како што едно поколение заминува, а израснува и е активно друго поколение, започнува и симболичката комуникација
меѓу мртвите и живите. Така, преку ознаковените пораки, започнуваат да се премостуваат вековите и илјадолетијата, а поколенијата нив ќе ги паметат или ќе ги подзабораваат тие знаковни посланија но, во секој случај, ќе се однесуваат кон нив како кон нешто проникнато со натчовечка (божествена или демонска) сила. 


За да се установи предисториското кое Бранко Сотировски го нарекува историско цивилизациско присуство во истражувањата, се тргнува од различни основи. Еднипати како цивилизациски признак се зема постојаното засолниште-дом со огништето. Во најраните времиња тоа биле природните засолништа – пештерите. Другпат, таков привилегиран цивилизациски маркер или топос, од каде скокнува цивилизациската искра, е односот кон покојните, т.е. начинот на погребувањење итн. Како и да е, до денес владеачкото научно сфаќање за старите цивилизации гласи: териториите меѓу реките Тигар и Еуфрат, како и оние по течението на реката Нил, се лулка на цивилизацијата. Но, археолошки откритија од средината на ХХ век ја доведоа под прашање таа, до скоро, утврдена кабинетска догма. Почна да си пробива пат тезата за  постоење на една високо развиена култура на територијата на Македонија и, пошироко, во Балканско-дунавските земји. Таа цивилизација е со милениуми постара од месопотамските цивилизации, како и од оние по течението на реката Нил.

Врз основа на археолошките откритија веќе е натрупана обемна литература,  според која, од страна на разни утврдени авторитети во науката, се тврди дека во далечното минато токму денешните балкански земји биле населени од една популација со високо развиена култура. За неа се тврди дека е многу постара од месопотамските цивилизации, кои според досегашната кабинетска наука се сметаа за најстари. Така, со насобраните археолошки предмети кои, по нивната систематска обработка, носат релевантни научни сознанија, се повеќе се утврдува позицијата дека досегашните научни ставови за древните цивилизации треба да бидат ревидирани. За неминовната потреба од таквата ревизија е категорично убеден, на пример, лингвистот и културологот Харалд Харман (Harald Haarmann). Тој во својата книга "Тајни на Дунавската цивилизација" (Das Rätsel der Donauzivilisation. Die Entdeckung der ältesten Hochkultur Europas. Becksche Reihe, München 2011)  докажува дека Балканските земји и, конкретно, Македонија како нивни центар, биле населени во најдревни времиња од една цивилизација, којашто ја развила првата писменост во историјата на човештвото.

Бранко Сотировски, се придружува кон тој став и го проширува со нови сознанија преку прочит на стари записи. Тој ги има предвид натписите од Винча (Србија), Тартарија (Романија), Караново и Градешница (Бугарија), како и Осинчани, Говрлево, Породин во Македонија, Равенија – Беломорска Македониа, Азија, Америка и Австралија, но и многу други и, со право, предлага заеднички именител на овие археолошки наоди. Според него, таа најстара писменост, регистрирана на спомнатите археолошки наоди, не треба да се нарекува „Дунавска“, „Винчанска“ или „Средноевропска“ туку Македонска. Зошто? Затоа што Сотировски, надоврзувајќи се на Васил Иљов, нашол дека тој идентификационен, културен и цивилизациски маркер – името Македонија – од најстари времиња бил во употреба, па дури бил и запишан точно во таа форма - Македониа. Примери: 

Оваа македонска култура, развиена во земјите на денешна  Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Романија, Грција, како и на огромни пространства од Унгарија, Украина,
Германија, Франција и др.  спомнатиот научник Харман ја нарекува "Староевропска". Според археолошките откритија, нејзината појава со сигурност може да се датира до 7 илјади години пред новата ера. Но има одредени показатели, кои го поместуваат тоа време со десетици, па дури и со стотици илјади години далеку -  во темнините на минатото.

Еден од појаките примери за високото ниво на таа подунавско-балканска цивилизација е сензационалното откритие на „Варненскотo злато“ (Варна, Бугарија), за кое реномирани светски авторитети тврдат дека е најстаро во светот. Тоа злато е старо најмалку 7000 години. Од друга страна, спомнатите археолошките наоѓалишта во Винча (Србија), Тартарија (Романија), Караново и Градешница (Бугарија) како и наодите од Говрлево и Осинчани (Македонија) приложуваат докази дека писменоста во оваа, условно наречена „Балканска и подунавска цивилизација“, којашто Сотировски ја нарекува „Македонска“ а
Јулиус Покорни - „Илирска“, се појавила најмалку 3000 години пред оние цивилизации на Блискиот Исток и во Индија. Нешто повеќе - тие археолошки откритија ни кажуваат дека оваа писменост  извршила огромно влијание. Таа се провлекла, во неколку варијанти, речиси во сите подоцнежни култури од медитеранскиот круг. Освен писменоста, според Харман, дури и зборовите, за кои досега се сметало дека се старогрчки,
всушност се "староевропски", т.е. старобалкански или, најточно, „старомакедонски“. Такви зборови, кои се користат до денес, во современите јазици се, на пример:  камин, маслинка,
керамика, метал, химна и многу други.

Според културологот и лингвист Харман присуството на овие зборови сведочи за одредени
техники, кои биле развиени, за прв пат, токму од староевропјаните. Во оваа смисла, тој зборува не само за јазично, а и за цивилизациско влијание - присуството на зборот "метал", на пример, говори за воспоставена технологија за производство и обработка на олово, бакар, бронза а подоцна и на железо.

Сепак, писменоста не е единствениот знак за високата култура на староевропјаните. Обработката на металите и урбанистичкото планирање, како и начинот на нивниот живот се останатите критериуми, кои ја потврдуваат тезата на научникот. Науката веќе е сигурна, тврди Харман дека најстарото злато во светот е токму златото,
најдено на територијата на денешниот град Варна, Бугарија. Според современите методи и технологии за датирање, тоа е произведено и употребено некаде во 4 500 година пред новата ера. Тоа пак значи дека е со 2000 години постаро од златото најдено во Египет.

Староевропјаните живееле во големи населби, со добро развиена инфраструктура, и домувале во куќи налик на денешните,  градени една до друга, кои делат заеднички ѕид. Обично, во една таква населба, живееле од 7 000 до 10 000 луѓе. А отсуството на археолошки слој од пепел, во периодот 6500 - 3000 п.н.е., говори за мирниот и хармоничен соживот на староевропјаните во едно, според зборовите на Харман, рамноправно и хармонично општество.

Кај луѓето во оние времиња немало хиерархија, но сепак имало некаква поделба на трудот. За ова истражувачите судат според гробовите. Кога некоја заедница е поделена на елита и инфериорни сталежи, археолозите наидуваат на различни по богатство дарови во поединечните гробови. А при маркираните гробови на староевропјаните не се забележува такво нешто.

Тогаш како може да биде објаснет залезот на една толку развиена цивилизација каква што
била староевропската? Харман смета дека причината лежи во слабо развиената воена традиција на „Илирската“, т.е. „Протомакедонската цивилизација“, што им овозможило на нискокултурните номади, кои продирале од североисток, постепено да ги напаѓаат и, конечно, да ги покорат. Потоа настапил процесот на мешање и асимилација на староевропјаните со дојденците. Но, сепак, лекцијата била научена. Илјада години подоцна ова грешка во структурата на општеството била поправена и Македонците, за време на  аргеадската династија, станале најдобрите воини во тогашниот свет.

Еден показател на повисоко човечко сознание и свест, т.е. на цивилизираност е чувството за светост. Тоа чувство кај древните луѓе произлегува од оние пројави во и на материјалниот нежив и жив свет, кои биле лесно воочливи, затоа што биле повторливи. Таа нивна цикличност го потикнала и стремежот на древниот човек да создава дводимензионални геометриски форми но и просторни форми (предмети), кои би говореле за неговото овоземно присуство во претпоставени идни времиња. Ова предзнаење (прекогниција) на идечките бидни времиња е показател за длабокото разбирање на процесите во реалниот свет. Според Б. Сотировски, кој се повикува на други истражувачи, древниот Македонец се обидел да ја имитира меморијата на самата природа. Кристалот се распаѓа на помали делови, но со иста форма, семето од едно растение никне, израснувајќи во исто такво растение и т.н. Оваа мултипликација на повторливи, аналогни форми, во природата, ја поттикнала потребата и самиот човек да произведува повторливи форми, кои впиваат во себе, но и зрачат од себе, некаква препознатлива смисла и порака. Затоа Сотировски, околу прашањето за појавата на писмото, прифаќа дека тоа е „создадено во согласност со природата“. Економичноста која ја изискува животот, а имено совладувањето на времето и просторот, довела до тоа писмото да се оформи како „визуелно претставување на пораката“, па и на самиот говор, се разбира, откога претходно
секој звук добил свој графички лик т.е. за секоја фонема, одделна, издвоена и препознатлива графема.

Врежаните  рецки и (изгребаните) графеми (=гребнатини) може да се ликови на идеи, на гласови но и на магиски дејства или на количествени соодноси (бројки). Буквите сврзани во зборови, кои насобрани како лигатури, па дури и во форма на сложени цртежи, најчесто се поставувани на свети места, рамнини, на рамни карпести површини, на карпи-литици, на зидовите на пештерите и слични места.

Пред да минеме на конкретни примери од прочитани и протолкувани натписи, сосема накратко ќе се осврнеме на појдовните фундаментални позиции на авторот на овој
истражувачки труд. Според Сотировски треба особено да се има на ум дека најдревните разоткриени и проучувани симболи претставуваат основа на светоста на „родот Македон и на неговата митологија“. Тие симболи, според него, се „божји букви и броеви“ и затоа буквите и, воопшто, писмото, се нешто свето т.е. божествено. Според авторот истото тоа свето, божествено писмо „осветлува, просветлува, сија, осијува, лие и оплодува“. Затоа, за буквите одделно, како и за писмото во целост, може да се рече дека имаат „спиритуална моќ произлезена од апсолутното совршенство на законите во природата.“ Несомнено е дека токму тие симболи и букви се една од најголемите придобивки на цивилизацијата и можат
да се прифатат како „клучен фактор за основање на големата Зета Македонија“. Овој божји дар е главната причина како за брзиот развој на просветата и културата, така и за прераснувањето на Македонија во една од земјите со најстара цивилизација.  Најстариот јазик, осведочен писмено, според Сотировски, е македонскиот. Денешниот македонски
јазик е како ехо на древномакедонскиот, којшто пак, е одек на природата, тој е со една мистично содржина, која е во хармонизација со формата.

За да се доближи до основните пораки и, воопшто, до светогледот на нашите предци тука,
на Балканот, но и пошироко, на нашиот и другите континенти,  Сотировски посегнува кон инструментариумот на митологијата, етнографијата, семиотиката и природните науки. Тука се присетуваме на Фрејзер, Елиаде и други автори и нивните достигнувањата во областа на митологијата, древната космогонија и космологија, историјата на религиите и сл. Во нашиот случај, земајќи ги предвид резултатите до кои достигнале македонски автори (Т. Белчев, В. Иљов, Н. Чаусидис, Е.Лафазановски) како и некои странски  истражувачи  (Вентрис, Чедвик, Ли Ворф и др.), Сотировски стигнува до сопствени согледувања и културолошки позиции, чијашто валидност допрва треба да се  доутврди, за да стане општоприфатливо интелектуално достигнување и научна позиција.

Треба да се одбележи и огромниот труд на авторот да приложи цртежи и снимки, со нивна
обработка и толкување, кои се соодветни илустрации придружени кон изложените тези. Токму оваа, визуелна компонента на книгата придонесува за нејзината прегледност и за своевидниот шарм, што ја прави впечатлива и привлечна за поширок круг читатели, кои пројавуваат интерес кон  овој сегмент на македонското, балканското и светското семиотичко, културолошко и, воопшто, антропошоко  наследство. Во таа насока, освен  повеќе или помалку познатите снимки на пештерски цртежи, петроглифи, графемите врз керамика, метал,  дрво, снимки на геоглифи и др., Сотировски вложил труд да изработи и приложи и стотици сопствени цртежи, со кои се олеснува анализата на одделни графеми или нивниот спој во комплицирани лигатури. Така, со овој визуелен (претежно колоритен) дел, книгата на Сотировски станува многу впечатлива, а текстуелниот дел ја прави особено
интригантна во ителектуална смисла.  

Публикацијата  ЗЕТА МАКЕДОНИЈА на Бранко Сотировски  е еден од оние амбициозни проекти, во основата на кои е желбата и реализираната цел, да се објасни македонската културно-цивилизациска компонента, која не е само периферно камче од планетарниот мозаик, туку дека таа, поради своите универзални достигнувања и пораки, речиси се поклопува со комуникативниот сегмент од човечката цивилизација. Овој голем истражувачки замав дава и соодветен резултат. Аворот е убеден дека воочил еден универзален, планетарен писмен код, кој потекнал од срцевината на Балканот, од Македонија. Тоа се, според авторот, знаци како графофонетски запис на гласови, групирани во зборови и подредени во реченични целости, значи еден вид енкодирани пораки. Тие посланија/пораки, кои идат од темнините на општочовечката древност, Сотировски
ги воочува, ги чита, ги декодира и се обидува смисловно да ги протолкува, споделувајќи го целиот тој процес со нас, читателите.

Она што може да предизвика скепса, особено кај читателите со „културно-научни“ предрасуди,  се резултатите на тоа декодирање на лигатурите, т.е. прочитот и толкувањето на модулираните реченични записи. Бидејќи при своите истражувања, Сотировски препознава, прво одделни, се уште употребувани графеми, а потем и разбирливи лексеми, па и цели реченични споеви, тој се осмелува древниот јазик да го идентификува како словенски, македонски и да го нарече токму така  -  македонски. Се разбира, и за носителите т.е. корисниците на тој јазик, кои ги населувале долините на реките низ цела Европа, па и пошироко, Сотировски го употребува истиот поим, поимот „македонски“ како културно-јазичен маркер.

Некој ќе се изненади од наведениот, навидум грандомански пристап и потход, ќе го карактеризира како одеднаш разбудена потреба од величие, со која, божем, се потиснува некаков реален или фиктивен, скриен повод за фрустрација. Малите сакаат да бидат големи та и најголеми! – ќе рече некој. А тогаш зошто најголемите (Кина, Индија, Русија, Велика Британија) сакаат да бидат уште поголеми? – ќе возразам јас. Се разбира дека тоа се избрзани, паушални и непромислени квалификативи. Просто, човечкото суштество сака да продре, да го запознае, проучи  и, накрај, да го разбере овој свет во кој, привремено, како гостин со незгаслива зачуденост и восхит, престојува. Затоа, да не истрчуваме со избрзани и непромислени оценки, туку да ѕирнеме во минатото, па и во сегашноста, и да видиме дали имало и од други автори некои сродни идеи и слични теории.

Тука, сосема накусо, ќе се осврнеме на еден лингвистички и културолошки квалификатив а тој е „словенска јазична група“. Веднаш ќе го поставиме  незаобиколното прашање околу староста и опфатноста на она што се подразбира под комплексниот квалификатив „словенска група на јазици“. Например, дали може да очекуваме словенски зборови на поодалечени територии и во постари времиња, за кои, и во кои, историската „наука“ и „историската“ географија „гарантира“ дека „никогаш ги немало“ и, со самото тоа, забранува да претпоставуваме а камо ли да ги бараме и да ги очекуваме таму. Наспроти тие „научни“ табуа, сега, сосема накратко ,   ќе се осврнеме на хипотезите за „палестинските Словени“ на Лукашевич, но и на разработените теории за „староевропската цивилизација“ на Густаф Косина (Kossinna), Јулиус Покорни (Pokorny), и Ханс Крахе (Krahe), како и на ностратичката хипотеза на Педерсон и Илич-Свитич.

Најпрво ќе приведеме еден занимлив пример од ориенталната книжевна оставнина. Ја имаме предвид книгата позната под името Iosippon, чијашто копија на хебрејска се чува во Ерусалим. Препишувачот на книгата во 12-от век од нашата ера, д.р Раби Гирсон, верува дека хананејскиот јазик, кој се говорел во древна Палестина, е од групата на словенските јазици. Гирсон се потрудил да уточни дека има јасна претстава кои се Словените. Како словенски народи, во негово време, значи негови современици, се познати: Хрватите, Полјаците, Моравјаните и други. Речиси на ист начин, за древноста и раширеноста на Словените, пишува во средината на 19 век и Платон Лукашевич (Lukashevich). Темата за развој на древниот палестински хебрејски врз основа на древен словенски (хананејски)
дијалект се среќава и кај некои други автори од Израел
(види: http://shorashim.narod.ru/case_dorfman3.htm). Овој процес на оформување и дополнување на лингвистичната и културолошка фактографија тече, само што кабинетската науката си мисли дека веќе се е решено и дека не треба да се преразгледуваат некои убедувања, издигнати на степен на „несоборливи“ догми. Според таа кабинетска наука не може да се разбере и утврди кој се тие Малоазиски Словени (според Лукашевич), која е таа земја Retenu (против која се кренал да војува древниот египетски фараон Тутмос (Thutmos Трети) и зошто исчезнаа народите: Митани (Mitanni), Арзава (Arzawa) и Хети/Гети (Zeti). Од наведените и од многу други, слични причини, кабинетската  „наука“, која поскоро е догматика, ги заобиколува незгодните факти и си обезбедува привиден и привремен кабинетски мир и спокој. 

Но има немирни духови, кои не примаат се на слепа доверба. Така, на пример, спомнатиот
истражувач Лукашевич, утврдил дека јазикот на првобитниот (предисториски) свет бил словенски. Тоа, всушност, бил јазикот на древните Гети/Хети т.е. македонскиот јазик на Зета Македонија (според терминологијата на Сотировски). Потоа дошло до мешање на народите и до формирање на мешаните јазици. Така, според Лукашевич, освен словенската група на јазици (кои во најстари времиња единствени имале писменост) се формирале и мешаните јазични групи: словенско-калмичката т.е. монголската и турската група, потоа славо-кинеската, афро-словенската, хинду-словенската, семито-словенската, келто-словенската како и американската јазична филијала. Современите аудиолаборатории, како и соодветната дигитална опрема дадоа неочекувани потврди на оваа стара теорија преку примерите на сходство на мелодијата на фразата како и закономерната повторливост и дистрибуција на одредени слогови, на пример, во речениците на кинескиот и на англискиот (славо-келтско-германски) јазик. На лексичко рамниште такви докази има безброј. Ќе наведеме само еден лесно проверлив пример: Сесловенскиот збор за број 5 е „пет“ и иде од именката „пестница“ (собрани прсти врз дланката, т.е. тупаница), Соодветниот збор за 5 во албанскиот јазик е „пест“. Тука може да побараме некаков славо-келтски јазичен супстрат, но тогаш како тој навлегол во турскиот јазик под формата „бешт“. Или старите Турци знаеле да бројат само до четири, па кога требало да го „заокружат“ својот „петтичен броен систем“, си го позајмиле тој збор од соседните словенски племиња. Лесно е да се иронизира ситуацијата, кога ќе ни се појават вакви фрапирачки лексички соодветства. Малку потешко е да се побара и да се изнајде сериозен и убедлив одговор, кој води сметка за она што се нарекува фонетски закон, кој пак ќе произлегува од
реалните фонетски процеси, во реалната човечка говорна пракса.  Во таа насока биле усилијата на данскиот лингвист Холгер Педерсен и на рускиот полиглот Владислав Илич-Свитич, кога се обидувале да ги воспостават темелите на ностратичката теорија. Според таа теорија, индо-европските, картвелските, семито-хамитските, старо-индиските,уралските и алтаjските jазици имаат заеднички лексички корени, кои даваат право да се говори за еден универзален јазичен супстрат.  Илич-Свитич дури објавил и речник со близу 600 зборови од тој прајазик на човештвото. Застапените лексеми се во извесни препознатливи форми,  а некои се се уште  во употреба во јазиците на неколку континенти. Ностратичката теорија може да се смета дека е идеен претходник на лингвистичкиот и културно-цивилизациски панмакедонизам на Бранко Сотировски.

Излегува дека лингвистичкиот труд на погоре спомнатиот Лукашевич не е осамен. Така, освен на спомнатата ностратичка теорија, во ХХ век, на еден индиректен начин, идејата на древна глобална цивилизација се поткрепува со трудовите на  Густаф Kossinna, Јулиус Покорни, и Ханс Krahe. Овие тројца германски научници  ги поврзаа балканските Илири со Lusatian културата преку старите европски хидроними. На пример, според проценките на археологот Kossinna, илирската цивилизација од долината на средниот Дунав била супериорна во однос на онаа на Келтите со седиште во јужниот дел на Германија. Според него елементи на илирската цивилизација нашле свој пат, и се прошириле не само меѓу Келтите туку и меѓу другите северни примитивни племиња. Така на пример, најраната употреба на железо во Централна Европа им се припишува на Илирите, а не на Келтите. После овој археолог, лингвистот  Јулиј Покорни се обидел да докаже дека илирските етнојазични елементи можат да се најдат во поголемиот дел од континентална Европа па дури и на Британските острови. Овој истражувач се смета за основоположник на Панилирската теза за етнојазичната структура на древните Европејци.  Оваа теза на Покорни е делумно поткрепена и со археолошките откритија кои ги зема предвид и Харолд
Харман. На лингвистично ниво таа беше поддржана од авторитетните специјалисти за топономастика, како што се Макс Vasmer  и Ханс Krahe.

Истражувања спроведени во втората половина на ХХ век од страна на сараевските археолози Алојз Benać и Б. Човиќ, како и на пловдивскиот археолог П.Детев, покажаа дека
според натрупаниот археолошкиот материјал имало непрекинат континуитет на културен развој од камено преку бронзеното и железното време. Тој континуитет дава право да се говори и за етнојазичен континуитет.  Со резултатите на тие истражувања, подеднакво може да се  поткрепат како панилирската и пантракиската, така и  панмакедонската  автохтона теорија на Бранко Сотировски. 

Додека голем број на научници ги разгледуваше илирските траги  во Централна и Северна Европа, други научници обрнаа внимание територијата со „илирската“ популација во јужниот дел на Европа. Така бугарскиот лингвист со светско реноме Владимир Георгиев, тврди дека "Пелазгите се оние автохтони луѓе, кои на Балканот ја развиле својата цивилизација многу пред да се појават античките Елини. Според Георгиев, Пелазгите се трако-илирско племе. Нивниот јазик бил „индо-европски“ дијалект, кој се поврзува со илирско-тракиските говори, а како близок со него се разгледува и етрускиот јазик.  Нека не заборавиме дека Македонците се разгледуваат како дел од таа трако-пелазгиска или илирска популација. Сотировски се обидува тука да воведе ред, со тоа што го предлага етнонимот Македонија за тие нотирани од историската етногеографија како регионални имиња, кои се, всушност, делови од основниот етносупстрат – Македонците.

На ова место, сосема накусо ќе се обидеме да одговориме на едно суштинско прашање: Што означува името Македонија?

До почетокот на последната деценија на 20 век се сметаше дека народот кој живее во тогашна федерална СРМ и го говори словенскиот јазик националното име го стекнал затоа
што ја населил некогашна античка Македонија. Тоа беше преземено од толкувањата на светската лингвистика, а имено дека прво земјата била наречена со името Македонија, дури потоа жителите биле наречени со името на земјата.

Но, на почетокот на осамостојувањето на нашата земја започнаа да се јавуваат тврдења
дека, обратно, територијата го добила името според античкиот народ и дека имало континуитет од тој народ до денес. Накратко, нашата земја го добила името Македонија по некое античко племе, а не било вистина дека племето било наречено
по името на земјата. Но и во едниот и во другиот случај се налага потребата да се преиспита и да се одреди сушноста, т.е. значењето на тоа име. 

Досега, во врска со етимологијата на името Македонија, во лингвистичката литература се даваат две тези. Според едни истражувачи, името Македонија можело да се поврзе со грчкиот апелатив "македнос" што значи "висок", "строен". Оваа етимологија грчките лингвисти ја имаат целосно прифатено и до денес стојат на таа позиција. Според нив името е етносно и се користи за некакво „старогрчко дорско племе – Македнон“. Сепак, таа површна етимологија е отфрлена од голем број научници со светско реноме. Второто етимолошко толкување, кое денес доминира, надвор од грчката историска лингвистика, и се смета дека е дефинитивно решение на проблемот, тргнува од претпоставката дека името Македонија се состои од две лексикални компоненти. Според таа хипотеза, двете лексеми се мак и дон и тие имале трако-македонско потекло. Првата лексичка компонента мак , која е во корелација индоевропското мак, значела "долг, висок". Втората лексичка компонента е дон, и таа означувала "земја", "почва". Според ова, подеднакво површна, етимологија името Македонија означувало „Висока (Горна) Земја, а „Маке-доните“ би биле жители на „Високата“ т.е. „Горната  земја“.

Ова е избрзана претпоставка затоа што ДОН не е земја туку е ДНО. Всушност се работи за области (земји) околу води (реки, езера, морски заливи) со длабоко дно. Ако се потсетиме дека до денес опстанале имињата на полноводните реки Дон, Дунав, Дњепар, Дњестар, стариот келтски Сингидунум (на брегот на Дунав), едно од древните имиња на Охрид - Клавдунум (во сливот на Крива река во Охридско езеро)но и областа која до денес го задржала своето име Мигдонија (област меѓу долното течение на Вардар, Солунски залив, река Струма, езеро Болбе и  Струмскиот залив) тогаш ќе треба да ја отфрлиме погорната хипотеза. Дури, може да се рече дека токму Мигдонија (Мег-дониа) е постарата и поправилната форма на регионалното и етносно име Македонија. Значењето е сосема јасно: „Меѓу-речие“. На ова место треба да се спомне и името на древната келтска божица Дану, која била божица на полноводните реки и, воопшто, на водите. И доколку се побара келтска етимологија, да не заборавиме дека имало келтско Солунско кралство, тогаш Мак-Дану, т.е. Македониа би означувало: „Синови на Дану“, или „Синови на реките/езерата“. А познато дека во овој дел на Европа токму Македонија е „Земјата на езерата“.  

Од претходното кусо излагање може да се заклучи дека нашето национално име Македонија етимолошки е во дослух со трако-македонските и келтски зборови а не со грчките. Може да се констатира дека природните дадености на рељефот, кој е испресечен со полноводни реки, езера и морски заливи, е факторот од кој произлегуваат како топономастичките така и етносните квалификативи. Сепак, пологично е да се прифати дека прво земјата била именувана со името Македонија (според карактеристиките),па дури потоа и жителите, уште од најстари времиња, го понесле тоа име.

Тезата за предмалку спомнатата огромна, староевропска, држава има своја поткрепа и во текстот на една полска книга од XIII век, позната како „Хроника на Велика Полска". Во неа,  неочекувано, не се говори за некакви недефинирани Илири или Енетои/Венети туку за Словени, коешто, пак, оди во поткрепа на тезата на Сотировски дека најстарите Македонци се некакви Протословени, од кои произлегуваат денешните словенски народи, но и сите оние кои кои се нарекуваат „Индоевропјани“, па и сите оние кои користат зборови кои се застапени во ностратичкиот речник.  

Во спомнатата полска книга може да се прочита: „Во најдревните кодекси пишува дека  Панонија е мајка и прародителка на сите славјански народи2. Впрочем, Pan (Пан) според грчкото и славјанското толкување е оној, којшто ги владее сите. И поради тоа се вели дека „Пан“ по славјански означува „велик господар” . . . Тие Панонци, наречени така според  Пан, како што се кажува, го водат своето потекло од Јан, потомок на Јафет. Прв од  нив  бил оној моќен Немрот, којшто почнал да ги покорува и да ги поставува под свое господство луѓето  -  своите собраќа“. Во продолжение, од истата книга, и покрај легендарниот призвук, наидуваме на еден фрагмент којшто ја засега темата за јазикот на таа древна империја. Еве го тоа место: „Кај Словените има големо разнообразие на јазиците, но, истовремено, тие  се
разбираат едни со други, макаршто во некои зборови, во нивниот изговор, очевидно е дека има разлики. Тие јазици имаат потекло од  еден  прататко - Слав, поради што и Славјаните и досега не престанале да го ползуваат тоа име – на пример: Томислав, Станислав, Венцеслав и др. Тврдат, дека од тој Слав произлегол Немрот. А Немрот  по славјански значи „немирен“ (Nemerza), коешто по славјански се разбира како „без мир” (non рах) или „оној кој не сака мир” (non mensurans pax), од негово време сред луѓето се појавило ропството, а пред тоа меѓу нив имало голема слобода. Прво тој,  неразумно, се стремел да ги потчини своитебраќа. Неговата дрскост и неразумност довеле до тоа да се воспостават ропски закони не само за неговите браќа, туку и за целиот  свет“. Очевидно е дека анонимниот автор на оваа средновековна полска хроника ни сугерира, дека обединувањето на словенските племиња во една држава, под власта на тиранинот Немрот, подразбира и воедначување на тогашните, веќе раздалечени, словенски дијалекти. Со наведените цитати од спомнатата полска хроника, се поткрепува суштествувањето на древната европска супердржава и цивилизација, која Ј. Покорни ја нарекува „Велика Илирија“ а Б.Сотировски -  „Зета Македонија“.

Ќе повториме уште еднаш: Во бронзената епоха супердржавата на легендарниот Немрот се
простирала од Балтикот, на север, до Егејското Море, на југ. И од долниот Дунав, на исток, до Британските острови, на запад. Макар што не сите историчари и лингвисти ја прифаќаат оваа хипотеза за древната европска супердржава, сепак, повеќето признаваат дека некакви докази за таа империја наречена од Покорни „Велика Илирија“, од анонимниот полски летописец „Панонија“, а од Сотировски „Зета Македонија“, сепак  -  има! За некаква огромна империја, која се протега од Понтус и Егеј на југ, до Балтикот на север, може да се прочита и во историско-биографскиот роман „Алексијадата“ на византиската принцеза Ана Комнина.   
Ако се има предвид дека областа Панонија во полската хроника не е локализирана и не е изедначена со денешната географска област Панонија, и ако имаме предвид дека тој географски поим во многу средновековни ракописи се меша и се заменува со Пајонија, па дури и со Пелагонија, остануваме со убедувањето дека Сотировски има право на свој терминолошки избор и место Панонија („Господарството на сите“, „Сегосподарството“, „Империјата“) да го користи, како посоодветен, поимот „Зета Македонија“ - држава чиј крвоток биле речните долини, со кои е испресечен европскиот континент.

Според Сотировски, уште од најстари времиња во македонската писменост секој глас се бележи со една буква, којашто е некаков сончев зрак, како најголема почит кон Богот Сонце ИЛИ – ИЛЕ. Правецот на читање е од десно кон лево и обратно и од горе кон доле и обратно. Двете древни азбуки, денес викани кирилица и латиница, со право може да се наречат „македонски писма на цутот“, т.е. „слова на пролетта“, бидејќи сончевиот зрак е дух „божји македон“ и како причина и почетна точка при оформување на словото им дава карактер на цут или нешто што достасува до зрел сознаен т.е. умствен плод. Првата Македонска азбука, според Сотировски, содржела 21 слово, т.е. букви (литери, графеми, карактери). На самиот почеток од создавањето на ликовите на буквите, тие биле  земани како зраци, кои се спуштаат од сонцето кон земјата, како еманација на божјиот дух. Зраците како носители на светлост и топлина биле одбележани како букви и зборови кои го просветлуваат човечкиот ум и ја носат топлината на солидарсност меќу единките во едно поколение и меѓу временски оддалечените поколенија. Генијалноста на македонскиот народ е и во тоа што, од две или повеќе фонеми споени во слогови во сооднос на текстот кој е во стихови, ја добива својата нота. Сотировски таа вредност на македонскиот народ ја дешифрира до тој степен што создава музички творби на оргинални текстови, се разбира со помош на врвни музички уметници и интерпретатори.  

Тука би издвоил неколку примери од прочитаните и растолкувани натписи, од територијата на денешна Република Македонија, од балканскиот регион и, пошироко, од Југоисточна Европа. 

На еден од камените столови, на палеолитската мегалитска опсерваторија Кокино, од десно кон лево, истражувачот Сотировски вооќил дека е запишано: „СИНОТ ГОСПОДОВ Е СО МЕНЕ“. Тука само би потсетиле дека камените столови на таа опсерваторија се под возвишението Татиќев Камен во општината Старо Нагоричане. Овој археолошкиот локалитет е откриен во 2001 година, и за него има документирана археолошка граѓа и соодветна анализа во стручни списанија а издадена е и одделен зборник со статии. Недалеку од Кокино (Татиќев Камен), во близината на селото Младо Нагоричане со таканаречената „цутна азбука“ е напишан текст, а воедно е оформен  цртеж на коњ и човечка фигура во кој е внесен и текстот. Според Сотировски тоа е една од вредностите на писмото и писменоста на боговите Македонци, „кои за искажување на митолошките претстави на пошироките народни маси, го користат токму овој облик на изразување“. Овој начин на пренесување на македонската митологија се користи во опширни пространства на Земјата но е најзастапен токму во Зета Македонија, која Сотировски ја нарекува и „Ар на МА“.  За коњот има општа согласност дека е соларна персонификација. Сотировски зема дека тоа е „сончев зрак ИЛ“. А за коњаникот смета дека е персонифициран „духот божји Македон во лет кон Зетот Шуман“. Текстот е прочитан како: „Во лет иташ Зету Шуману“.

Попатно би ги спомнале гравирот од село Крилатица, место Пашкуљ, Република Македонија, со старост преку 30  000 години, и натписот врз поклопец од местото Чашка (Велешко), за кого се препоставува дека е стар најмалку 8 000 години. 

Како најимпозантни  и најзначајни споменици на културата, од времето на историскиот период на Зета Македонија, Сотировски ги посочува локалитетите, мегалитскиот ѕит „Дух божји Македон“ на планината Богословец-Свети Николе, селото Шопско Рударе, Кратовско, Република Македонија,  Цоцев Камен, кој за првпат е евидентиран во 1972 година. Тој е на 25 км. југозападно од градот Кратово, од левата страна на долината на Крива Река, мрѓу другите и скулптурата „Солзана“ Големата Мајка Прилеп – Македонија.

Заслужува внимание и керамичкиот печат од Церје кај Говрлево, близу до Скопје, пронајден во 1981 година. Тој е впечатлива илустрација за ерата на она што Сотировски го нарекува „империјална Зета Македонија“, датирана пред 9 000 – 8 000 г. „македонска ера“. Врз тој печат има краток текст, кој од страна на истражувачот Васил Иљов е прочитан на следниот начин:

„С’Л С БО
С’М“ – „САЛ СО БОГА СУМ“

Ќерамичките печати од Беломорска Македонија од областа Равенија недвосмислено ни укажува на фактот за присуството на македонското писмо, јазик и култура со континуитет до денес. На печатите пишува: „СО ИЛИ ГЛЕДАМ СВЕТИ МАДОНА“ и на вториот печат пишува : „Ѕ’Ѕ’И МА ИСУСА БОГ – И САМО ГОГ“, овој печат е во форма на Сонце, цут, роза, пролет. На печатот пишува: „ГЛЕДАМ, ВИДЕНА Е (ОПЛОДЕНАТА)  МА  ТАА ВО УСНИТЕ БОЖЈИ, И САМО БОЖЈИ“.

На далеку се познати седумте заби од Виндија на кој е напишан микро текст во кој се срекава името Зета Македонија и макро текстот во пустината Наска воПеру, што претставува македонски митолошки зборник, каде неколку пати се спомнува името на државата Зета Македонија.

Историскиот период на Зета Македонија од пред 130 000 г. во Азија и Австралија, локалитетите Патне Индија, Хелан Планината во централна Кина и националниот парк Какаду во Австралија, сведочат за првата култорлошка глобализација од Дионис под името „ИС ДОН“. 

Понатаму во книгата се наведуваат многу други примери на текстови чијашто содржина е расчитана и протолкувана.

 
РЕЗИМЕ

Меѓу кориците на „Зета Македонија“ е распослано огромното по обем и сензационалното по резултати истражување на академскиот сликар Бранко Сотировски. Тоа е една смела духовна авантура којашто, сепак, е соодветно фактографирана и документирана и до подробности образложена. При регистрирањето и исчитувањето на приложените древни цивилизациски маркери, авторот се определил за она што е негова креативна и животна определба – креирањето и оставањето ликовни знаци (графеми и ликови-лигатури). Тие ликовни знаци, т.е. графеми (зборот „графема“, божем грчки збор, всушност произлегува од македонскиот збор-именка „гребнатина“, т.е. од глаголот „гребе“), низ вековите и милениумите, пренесувајќи ја основната порака, сведочеле, и ќе сведочат, и за нивните создавачи - означувачите. Токму формирањето аналогни визуелни ликови, но и издигнувањето на скалилото на геометриската фигурална апстракција, до степенот на формирани пиктограми и идеограми, е она коешто го мотивирало Сотировски, да го активира својот истражувачки дух за да стигне до резултатите, кои се собрани во овој многу
сложен и впечатлив палеографско-истражувачки проект. Проектот резултирал со обемна монографија, којашто е вистински истражувачки и интелектуален подвиг.        

 
Милош Линдро  
23–06-2015 г.





Прегледано:  3,300.00 пати

Објави:

https://www.facebook.com/groups/

1474313992861929/permalink/

1938452183114772

.................

https://www.facebook.com/groups/

LaMagiadelasPiedras

.................

https://www.facebook.com/groups/

876035302411890

...........................

https://www.facebook.com/dainst  Германиј

 

              Химна на Зета Македони.

  

 

   

     ................................................................